ВЕЧЕР ПОСВЕТЕНА НА КЛАРА ШУМАН – КОНЦЕРТ НА КАТЕРИНА ГЕЛЕБЕШЕВА КОСТАДИНОВСКА 12.11.2020 (ЧЕТВРТОК) 19ч.

Катерина Гелебешева Костадиновска е уметник со истакнат и индивидуален пијанистички сензибилитет, откриен и едуциран низ класите на професорите: Евушка Елезовиќ-Трпкова и професор Тодор Светиев. Дипломирала на Музичката академија во Загреб, во класата на истакнатиот професор и пијанист Владимир Крпан во 1991 год., а магистрирала во Скопје 1993 год., во класата на професор Борис Романов. Учествувала на семинари раководени од еминентни пијанисти и педагози: Керер, Мураро, Тимакин, Гинзбург, Икуко Ендо.. и бројни натпревари со освоени највисоки награди. Особено почесно место зазема освоената трета награда на 24-от натпревар на Млади музички уметници во Загреб, одржан 1990 год., како и спијалното меѓународно признание за изведба на дела од Б. Папандопуло во Грожњан, Хрватска, во 1986.

Нејзината успешна уметничка кариера како пијанист, која ја започнува многу рано, ја одбележуваат бројни настапи, како во нашата земја така и во: Турција, Португалија, Словенија, Хрватска, Италија, Холандија, Франција… проследени со инзвонреден прием од публиката и музичката критика. Со посебен успех и високи оценки од музичката критика, повеќекратно настапува со: Македонската филхармонија, Камерниот оркестар при МФ, Загребската филхармонија, Симфонискиот оркестар на ХРТВ Загреб.

Покрај нејзината активност на сцената како самостоен солист, учествува и во различни камерни состави. Особено акцентирана концертна дејност од 2001 год. па се до денес, остварува со пијано дуото Гелебешеви, кое го формира со нејзиниот сопруг Глигор Гелебешев. Дуото остварува концерти на скоро сите најзначајни фестивали во државата: Охридско лето, Скопско лето, Битолско лето, Интерфест Битола, Златна лира, Денови на македонска музика… Од 2005 година со настапот во Париз, дуото ја започнува и својата меѓународна кариера. Следат настапи во: Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Турција, САД… Во 2012 година, ја добиваат наградата ‘Златна лира’ врачена од СМУМ. Во текот на својата повеќегодишна работа, дуото Гелебешеви имаат објавено и две аудио изданија.

Денес Катерина Гелебешева Костадиновска работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.