ВЕЧЕР ПОСВЕТЕНА НА ТРАЈКО ПРОКОПИЕВ 06.11.2020 (ПЕТОК) САЛА ТЕАТАР 19.00ч.

Трајко Прокопиев (6.11.1909 – 20.01.1978) големиот македонски композитор диригент, музички педагог и организатор на музичкиот живот во Република Македонија. Еден од најдоследните поборници во изградбата на македонскиот национален музички правец, композитор кој беше сликар на човечката душа, композитор со широка словенска душа, длабоко мисловен и чувствителен, кој остави партитури со трајни вредности и дела со хумани пораки.

Роден во Куманово 1909, дипломира на Музичката школа во Белград 1934, Прв директор на Средното музичко училиште во Скопје 1944, студент на Прашкиот конзерваториум 1946-47, Началник на музичката програма на Радио Скопје и диригент на симфонискиот Радио оркестар, 1948 работи како диригент на хорот “Кочо Рацин” и ја добива наградата на Министерството за просвета и култура на НРМ за хорската песна “Ленка“, 1949 со премиерата на “Продадена невеста“ од Сметана дебитира како оперски диригент, 1951 – 54 ја диригира Вердиевата опера “Трубадур”, диригира со симфонискиот концерт на Македонската филхармонија, ја диригира Вердиевата опера “Риголето“, ги диригира премиерите на балетот “Копелија” од Лео Делиб и операта “Севилскиот бербер” од Ѓоакино Росини, 1963 се враќа на старото место како диригент на МНТ, со група македонски композитори гостува во Грузија, во Ленинград се сретнува со Дмитриј Шостакович, работи како директорна Ансамблот за народни песни и игри на Македонија “Танец”, 1967 ја добива Октомвриската награда за животно дело на СР Македонија, 1969 со хорот “Кочо Рацин” ја освојува првата награда на VIII интернационален фестивал на хорови во Горица, Италија, 1975 се пензионира, 1977 ја добива наградата АВНОЈ за музика,1978 ја завршува оркестрацијата на операта “Кузман Капидан”, 1979 умира во Белград. Погребан е во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел.

Име кое претставува едно од најплодните и најзначајни композиторски имиња на Македонија, со петдецениско творештво, кое е дел од историјата на младата македонска музичка култура и вредни дела, како хорските дела: “Ленка“, “Кумановки од I до VI“, “Илинденка“, “Очи“, “Свадбарска“, “Туѓина“, “Роса“, “Ракатка II“, и други, духовна музика, бројни камерни композиции, сценска и филмска музика “Чорбаџи Теодос“, “Бегалка“, “Илинден 1903“, “Комитска легемда“ и други музичко-сценски дела: балетот “лабин и Дојрана“ и оперите “Разделба“ и “Кузман Капидан“, кои влегуваат во антологијата на македонската музика, а сите проткаени со теми и експресии, како и разновидниритмички структури од македонско фолклорно богатство. Дела од кои зрачат убавината и духот на родното и поширокото македонско тло.

“…На оваа могила ќе доаѓа цела Македонија, да му се поклонуваат вистинските љубители и познавачи на музичката уметност… Од таткото на македонската музичка култура ќе остане неговата творечка порака, неговата композиторска мисла како светол, блескав пример и патоказ…“
Властимир Николовски, 
од името на Друштвото на композиторите на Македонија.