ИЗЛОЖБА – РОБЕРТ ЦВЕТКОВСКИ – СЛИКИ – “ПОРАКА“ – 21.11.2019 (ЧЕТВРТОК) ИЗЛОЖБЕН САЛОН 20.00ч.

Автобиографија

Роден во Куманово 1965 година.
Дипломирал на Факултетот за ликовна умeтност во Скопје 1989 година во класата на Ана Темкова.
Работи во гимназијата во Крива Паланка како ликовен педагог.

адреса: ул. „Св.Јоаким Осоговски“ бр.75, Крива Паланка
e-маил: robic65@yahoo.com
веб- страна: https://robertcvetkovski.wixsite.com/robertcvetkovski

Изложби и колонии

Самостојни изложби

1994 – Скопје, Галерија Стоби

1994 – Крива Паланка, Центар за Култура

1995 – Куманово, Центар за Култура

1995 – Варна,Бугарија, Галерија Палас

1998 – Неготино, Градски Музеј

1998 – Прилеп, Центар за Култура

2001 –  Штип, Центар за Култура

2004 – Вилмингтон, САД, Акме Арт

2004 – Фејтвил, САД, Галерија Фејтвил

2004 – Винстон Салем,САД, Галерија Реалис

2005 – Питсборо,САД, Галерија Сајд Стрит

2007 – Карборо/Чапел Хил,САД, Сизл Галерија 2007 – Пекинг,Кина, Галерија  Јун

2007 – Подгорица,Црна Гора, Уметнички Павиљон

2008 – Крива Паланка, Центар за Култура

2008–Карборо/ЧапелХил,САД,Меин СтритГалерија

2009 – Лексингтон, САД, ПАФ Галерија

2010 – Скопје, Културно-информативен центар

2010 – Крива Паланка, Центар за Култура

2011 – Скопје, Галерија Грал

2013 – Кавадарци, Центар за Култура

2013 – Неготино, Градски Музеј

2013 – Прилеп, Центар за Култура

2016 – Чапел Хил,САД, Поинт Галерија

2019 – Њујорк, САД, МС Галерија

2019 – Крива Паланка, Центар за Култура и Градски Музеј

2019 – Струмица, Центар за Култура „Антон Панов“

Приватни Колекции

Делата на авторот се наоѓаат во САД, Кина, Јапонија, Норвешка, Швајцарија, Германија, Египет, Венецуела, Австралија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Турција и Македонија

Селектирани групни изложби

2000 – Вилмингтон,САД, Акме Арт

2000 – СК, САД, колонија „Без Граници“ – Милениумски клуб Болд Хед Ајленд

2004 – Њујорк,САД, Корк Галерија, Ајвери Фишер Хол, Линколн Центар

2005 – СК, САД, Асолар Груп, Солисбури Уметнички Центар

2005 – Флорида,САД, Сидар Парк колонија, Бока Ратон

2016 –  Симпозиум „Без граници“, Балчик

2017 – УККСА Академија,Книдос, Турција

Ликовни колонии

Учество на 60-тина ликовни колонии во Македонија, САД, Турција, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина

Перформанси

1992 – Градски плоштад Скопје

2009- ПАФ Галерија, Силер Сити, САД

2017-Сите бои на џезот, НУЦК Крива Паланка

2018 – Сите бои на џезот, Англиски Паб, Кратово

2018-Сите бои на џезот,Уметничка галерија Куманово

Постојани Колекции

Центар за Современа Уметност, Подгорица, Црна Гора

УККСА Академија, Турција

Музеј на Град Скопје, Македонија

Градски Музеј Крива Паланка, Македонија

Топографија на духот

Максим Горки ги опишува добрите особини на нашата душа велејќи дека тие се „најуспешно и најсилно разбудени преку моќта на уметноста – исто како што природната наука е интелект на светот, уметноста е неговата душа“. На тој начин, творештвото на Роберт Цветковски го истражува патот кон црквата на душата и олтарот на нашето постоење, проектирајќи дела изработени во вид на модерни икони. Изобилниот опус на Цветковски опфаќа сликарски дела изработени во различни техники, како и во комбинација со природни материјали (пилевина, морска трева, природни пигменти итн.), создавајќи илузија на 3D и формирајќи релјефни слики. Делата се симболично составени од централен апстрактен влез (во интимата на авторот) како и симболи на свод, лак или аркада која ја евоцира симболиката на дамнешни корени; македонската, но и балканската традиција. Во денешниот свет на дисторзирани вредности каде обожуван бог е социјалниот медиум, творештвото на Роберт Цветковски нуди враќање кон духовното богатство, рефлектирајќи ја улогата на уметникот како дисидент, во бегство од сеприсутните симптоми на капитализмот и конзумеризмот. Делата на Цветковски предизвикуваат чувства кои не можат да се фотографираат, туку суштински да се искусат, живеејќи во времиња на современата општествена мантра дека доколку нешто не е споделено јавно, исто како да не се случило. Преку своите уметнички дела Роберт Цветковски се поставува како предизвикувач  на  подлабоката мисла, во замена за постојаната пофалба на вештачката продуктивност, наметната од брзиот ритам на живеење.

Кирила Цветковска,

историчар на уметност

 

11.000 денови на метаморфоза

За Роберт Цветковски делото е како природата, со многу бранувања, со многу бои и материја во себе. Гледано од денешен агол, припаѓа во апстрактниот експресионизам, нефигуративно сликарство, но самиот тој на себе гледа како автор кој се грижи за автентичноста и издржаноста на своето дело, како дел од себе, без никакви лични насочувања, или следење на било какви одредници, стилови и изми. Движејќи се преку експериментален период во младоста, преку чистата фигурација завиткана во симболизам, сместена во метафизички и надреални простори, преку фигурата апстрахирана низ силни експресии, преку асоцијативната фигурација до силно апстрахирање  на фигурата и нејзино целосно исчезнување, доаѓа до препуштање на  просторот на чистата експресија на енергија и емоции. Цветковски нурнува  во иреалниот свет и станува дел од сликата која воедно излегува од него, создавајки необјаснива и со зборови неопислива конекција. Сликата не се прави, како некој предмет, таа се самосоздава преку авторот. Нема бегање од внатрешната енергија и емоците, оние, темелните и основни човечки емоции, како импулс, како енергија, внесени во делото, материјализирани, за подоцна да се дематеријализира при восприемањето од страна на набљудувачот, каде што импулсот ги потикнува и разгорува истите оние чувства присутни кај авторот. Самото дело треба да ја пренесе пораката, само по себе, да ја раскаже приказната, ако набљудувачот е спремен и отворен да ја восприеми, која авторот ја искажува преку своето дело. Спротивностите се дел од нашето секојдневие и суштината на она што Цветковски го создава. Како и природата, секогаш сме менливи, но и минливи. Пластовите боја а посебно материјата потсетува на фосилни остатоци од душевна состојба на радост, љубов, гнев, страв… Во тој релјеф наоѓаме остатоци од цикличноста на природата, или делови  од  таинствена материја од душата, со длабоки, не целосно зараснати рани. Скоро секогаш во неговите дела постои реминисенција на природата, еден вид на лиричен, апстрактен пејзаж. Некогаш тоа е маглив полумрачен предел, некогаш е трепет на светлината  низ мноштвото бои, некогаш е некој мезанин, некој нејасен простор меѓу два света или меѓу сонот и јавето, со пригушена флуоресцентна светлина од каде што вжештен флуид разгорува и бкликнува носејки наплив од силни измешани емоции, кои го разбиваат студенилото и ги изгонуваат стравот и неизвесноста. Авторот е слика на космосот, при творењето тој секогаш повторно и одново ја открива својата природа и пак го остварува контактот со праизворот, проектирајки се и остварувајки се на платното. Сета таа драматика, сите тие парчиња од вселената, сиот набој на емоции, ги врзува низа знаци и симболи, и ги воведува низ сводот, сводот како сводот над нас, како сводот во нас, како сводот во храмот, како сводот на фурната, матката, земјата, праизворот, почетокот и крајот, сржта…

Пораката е пратена и ги надминува бариерите на јазикот.

Вашите приемници нека бидат вклучени.

Ѓорѓи Костовски,

историчар на уметност