Изложба “Златниот антички наод од Неготинско”

Во август 2008 година при археолошко истражување од страна на стручна екипа од Музеј на град Неготино, под раководство на кустос-советник археолог Кире Ангеловски, на длабочина од 0,35 до 0,50 cm., се пронајдени повеќе предмети од златен накит и монети кои што датираат од IV-III век пр.н.е, и тоа:

– 2 (две) монети-статери со ликот на Филип II и Александар III,

– 4 (четири) фибули од малоазиски тип со по пет ѕвездести украсни испусти на лаковите, нозе со масивни стилизирани змиски глави и глави во вид на палмов лист,

– 31 примерок на златни висулци во форма на копје,

– 32 примерок на златни висулци во вид на лешник,

– 484 кружни алки украсени со гранули,

– 84 мали кружни алки со три реда гранули,

– 2 (два) златни завршетоци од ѓердан во вид на палмети,

– 4 (четири) златни цилиндрични цевчиња од ѓердан украсени со филигран и гранулација,

– 1 (една) мала дводелна кутија (пиксида) од злато во цилиндрична форма богато украсена со филигран и гранулација

– 1 (една) импресивна украсна релјефна плочка-медалјон со претстава на Посејдон кој држи тризабец во левата рака, а лево и десно фланкиран со протоми на два коња.

Вкупната тежина на овие предмети изнесува околу од 1 кг богато со 22% каратно злато. Се претпоставува дека припаѓал на истакнат војник-офицер по потекло Пајон од Антигонеа, кој сигурно бил во војската на Александар Македонски додека војувал во Азија, и по враќањето го носи сиот овој златен накит, со кој потоа бил погребан.

Ексклузивниот златен комплет како збирен наод кој датира од IV-III век пр.н.е. претставува еден од најзначајните и најрепрезентативни наоди од овој вид од времето на почетоците на македонско-хеленистичкиот период на територијата на РС Македонија. Ова извонредно културно богатство беше презентирано во престижниот национален Келтен-Ромер музејот во Манхинг, Германија, заедно со златната маска од Охрид и како составен дел од изложбата со наслов „Златното лице на непознатиот крал“, проект кој се реализираше со

Поддршка на Комисијата за образование, аудиовизуелност и култура при ЕУ во рамките на проектот Clash of cultures (Судир на култури).

Денес се наоѓа во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје каде е достапен за пошироката светска јавност. Изложбата со фотографии досега е претставена во Неготино и Кавадарци.