КУМАНОВСКИ ГРАФИЧАРИ 2026
На 27.11.2026 година, /петок/ со почеток во 19:30 часот, во Изложбениот салон на
Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“- Куманово ќе биде отворена
биеналната изложба на графики “Кумановски графичари 2026“. На изложбата учество зедоа
следните академски графичари од Куманово: Зоран Јакимовски, Акиме Насуфи Реџепи,
Валентина Илијевска, Мухамедали Алили – Дали, Ања Стојадиновска, Стефан Анчевски, Симона
Јакимовска, Александар Стефановски, Стефан Јакимовски, Мирослава Цветковиќ, Милена
Арсовска и Методија Стојановски. Изложбата се состои од дваесет и четири графички листа
работени во повеќе графички техники и се дел од нивната најнова продукција.
За нивното творештво историчарот на уметноста Роберт Цветковски ќе запише.:
…“ Обидувајќи се да ги координираме активностите и пристигнатите материјали од
отворениот конкурс упатен кон академските графичари за единаесеттото издание на биеналната
графичка изложба “Кумановски графичари 2026“, почнавме да размислуваме за значењето на
оваа манифестација во еден временско-историски контекст, за нејзината важност и оправданоста
за постоењето. Во таа насока неминовно доаѓаат прашањата за самите почетоци од 2003-та
година кога беше организирана првата изложба “Кумановски графичари“ па потоа следуваше
долгото патешествие на гостувања во земјата и странство за да стигнеме до најновото издание
2026 – еден историјат којшто ќе го анализираме во некоја друга прилика. Сега ќе се обидеме да
објасниме зошто и како дојде до реализација на оваа графичка авантура која трае 23 години. Но
пред тоа ќе се обидеме да дадеме одговор на прашањето: зошто е важно да се организира една
ваква изложба посветена на графичката уметност и графиката воопшто? Одговорот е едноставен –
затоа што графиката и графичката уметност се фундаментот на којшто се темели севкупната
современа визуелна комуникација. Сите јавни натписи, билборди, логоа, веб-страници,
телевизиски кајрони, печатени материјали, ликовно-линеарни естетски решенија се базираат на
графиката и графичкиот дизајн. Секако дека секое графичко решение не е уметничко дело; но ако
се вратиме во историјата, можеме да кажеме кога е направена првата дистинкција помеѓу
графиката како занает којшто имал задача да мултиплицира одредена содржина и графиката како
уметност на мулти оригиналот, се разбира печатен во мали серии. Историјата забележала дека
првото трансформирање на графичкиот занает во графичка уметност го направил Албрехт Дирер
(1471-1528) којшто своите ликовни дела ги печател во мали серии притоа усовршувајќи ги
графичките техники дрворез и бакрорез, покажувајќи ги нивните максимални можности во смисла
на голема прецизност и многу ситни детали. Оттогаш па до денес востановени се повеќе графички
техники, како литографија, бакропис, акватинта, линорез, сито печат, сува игла, дигитален печат и
др. Во последниот период паралелно се одвиваат два процеса во техничкиот третман на
современата графика, првиот – максимално користење на информатичката технологија,
вештачката интелигенција, паметните материјали врз кои се печати одредена содржина, нано
технологија и ласерски интервенции на метални плочи и вториот – враќање на старите
традиционални графички техники со употреба на биоматријали. Но, како што еволуирала во
техничка смисла, графичката уметност се трансформирала и во содржинска смисла, започнувајќи
како копија на сликарски дела, преку пропаганден и рекламен дизајн, експресионистички и поп
арт решенија кои честопати тематски биле од социјално-политички карактер, до современи
апстрактно-асоцијативни линеарно-геометриски композиции ослободени од секакво рационално
толкување. И сега прашањето дали ова горенаведено има врска со „Кумановските графичари“?
Секако дека има, сите горенаведени прерогативи ги среќаваме кај „Кумановските графичари“,
почнувајќи од графичките техники до содржинските идеи. Но пред да поминеме на персонална
анализа на делата на учесниците на 11-тото издание на “Кумановски графичари 2026“, да кажеме
нешто и за значењето на кумановската графичка сцена во современата графичка уметност во
Македонија. Несомнено, кумановските графичари дале и даваат секојдневно огромен придонес
во етаблирањето на графичката уметност во државата и регионот. Почнувајќи од
основоположниците на современата македонска графика: Драгутин Аврамовски-Гуте и Зоран
Јакимовски, коишто се од Куманово, па сè до четириесетината дипломирани графичари кои
постојано, преку самостојни изложби, заеднички проекти и учества на меѓународни графички
симпозиуми, ја прават македонската ликовна сцена жива и препознатлива. Впрочем, дел од нив
се и учесници на биеналната изложба „Кумановски графичари 2026“ којашто исто така дава
придонес во одржување на континуитетот на македонската графичка сцена.
Оваа година учество зедоа 12 графичари од повеќе генерации коишто ќе се претстават со
дваесетина графички листови работени во повеќе графички техники. И оваа година се чувствува
силниот наплив на графики работени во техниката дигитален печат, но сè уште има автори кои
преферираат класични графички техники. Една од нив е и Акиме Насуфи-Реџепи со делото
“Композиција 3“(акватинта) работено во бихромна апстрактно-асоцијативна варијанта, како и
Александар Стефановски со делото „Фосил“(монотипија) претставен инсект заробен во времето.
Во групата графичари коишто работат во класични графички техники е и Ања Стојадиновска со
делото „Флора и фауна“(комб.тех.) работено со реалистична фигурација во движење како и
Валентина Илијевска со делото „Невидливиот симбол“ експериментирајќи со техниката сув печат.
Групата на автори коишто работат во техниката дигитален печат ја предводи професорот Зоран
Јакимовски со делото „Времеплов“, симбиоза на реални објекти и слободна графичка
интерпретација и креирање на метафизички надреален простор, како и Методија Стојановски
којшто со помош на дигиталните алатки креира експресивно-колоритна апстрактно-асоцијативна
композиција со наслов „Љубов на свој начин“. Класично графичко решение нуди и Милена
Арсовска со темата “It's time for…“(сува игла) реалистична фигурација дадена во една
метафоричка поставеност на времето и птиците, додека, пак, Мирослава Цветковиќ се претставува
со делото „Импулс на присутната“ работено во техниката дигитален печат коешто третира
биоморфна структура во нејзин препознатлив манир. Во техниката дигитален печат работи и
Мухамедали Алили – Дали креирајќи го делото „Слоеви на душата“, едно комплексно
структурирано, апстрактно-асоцијативно биоморфно суштество, додека Симона Јакимовска нè
враќа во времето на класичната графика со делото „Птица“(акватинта) изведено во апстрактно-
асоцијативен манир. Стефан Анчевски ни се претставува во еден минималистичко-симболичен
апстрактен стил со делото „Премин“ во дигитална реализација, а Стефан Јакимовски со делото
„АИ“ ја потврдува определбата за користење на дигитални алатки за креација на високо
софистицирани објекти. Воопшто земено, една интересна колекција на графички решенија во
коишто се испреплетени генерациите, графичките техники, идеите, старото и новото… Се
надеваме дека со оваа изложба ќе преди“звикаме интерес во јавноста и поддршка за идно
ангажирање и продолжување на овој проект. ..“
Изложбата ќе биде поставена до 20 декември 2026 година.
Роберт Цветковски, историчар на
уметноста
