ПРОМОЦИЈА НА КНИГА – „ВОДИЧ ЗА ДОЛГОВЕЧНОСТ“ ОД Д-Р МИТОВ 17.07.2018 (ВТОРНИК) 20ч.

Колкав е природниот век на човекот? Научните студии велат дека изнесува некаде над 100 години. Според некои, околу 115, а според други – дури и до 125 години. Тоа е должината на животот која научниците ја измериле според хромозомите или, уште поточно, според теломерите. Ќе се согласиме дека, според денешните стандарди, тоа е импресивна бројка.

Денес сме соочени со болести кои во 80 % од случаите можеме да ги спречиме. Да, можеме! Тоа се во прв план кардиоваскуларните болести. Здравствената криза може да се реши само на еден начин: ако секој од нас направи промени кон подобро во својот животен стил. Сите сме засегнати – или лично или преку најблиските.

Овој Водич за долговечност се фокусира на најчестите болести кои ни стојат на патот на природниот долг животен век. Тие болести не се семоќни, ниту пак ние сме немоќни пред нив. Медицината на животниот стил нуди конкретни решенија за тоа. Но нуди и можности за лекување, доколку сме веќе соочени со некоја од нив.

Најновите научни сознанија за животниот стил и болестите, од проверени извори, напишани на разбирлив јазик, и многу применливи совети – ваш сигурен пат до долговечноста!

Д-р Александар Митов е доктор на медицина, магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето. Дипломира медицина на Медицинскиот факултет во Скопје при УКИМ,  како првенец на генeрацијата со просек 9,9. Магистрира јавно здравје на Кипарскиот интернационален институт на Харвардскиот институт за јавно здравје (Harvard School of Public Health), исто така како студент на генерацијата (валедикторијан). Подоцна завршува магистерски студии за политики за животна средина во Кембриџ, Велика Британија. Во текот на сите студии добитник е на национални и интернационални стипендии, меѓу кои и на престижната стипендија за Кембриџ од Фондацијата Пексим (PEXIM Cambridge Scholarship).

Од 2012 до 2017 година е советник за здравство на претседателот на Владата на Република Македонија, а беше и иницијатор и главен стручен консултант на кампањата за здрава храна на Владата на РМ „Здравјето е избор!“

Интересот на д-р Митов за исхраната започнува веднаш по завршувањето на медицинските студии. Учејќи за епигенетските влијанија на околината, тој се фокусира на интеракцијата меѓу гените и животната средина, а особено нутригенетиката.

Денес продолжува да ги следи најновите научни студии за влијанието на животниот стил (исхраната и физичката активност) врз болестите, а особено при нивниот третман. Впрочем, неговата работа се сведува токму на тоа: да ја „преведе“ најновата медицинска наука во практиката и во конкретни совети за пациентите.