„Господ постои, името ѝ е Петрунија” е прв македонски филм кој е избран во главна конкуренција на Берлинале, а пак прв пат по 25 години, односно по „Пред дождот“ во Венеција 1994 г., воопшто да биде во главна селекција на филмски фестивал од А категорија.
„Навистина сме возбудени пред големата премиера во Берлин, дотолку повеќе што целата комисија на фестивалот беше видно импресионирана од нашето дело. Верувам дека и на публиката еднакво ќе ѝ се допадне приказната на Петрунија, особено што преку неа допираме до многу позначајна тема, а тоа е улогата на жената во општество полно со стереотипи, нејзиното место во религијата, но и тоа каков свет ќе ѝ оставиме на жената во иднина“, вели Теона Стругар Митевска.
Филмот инаку е инспириран од вистински настани кои се одиграа во Македонија кога жена за прв пат го фати крстот за Водици. Приказната во „Господ постои, името ѝ е Петрунија” се одвива во Штип, во текот на 24 часа по Водици, кога токму Петрунија успева да го фати крстот, но нејзиниот успех е дочекан со револт од страна на локалното население и впрочем целото општество, црквата, системот…
Преку оваа приказна, како што вели Митевска, допираме до многу посуштински проблем со кој се соочува една жена во претежно „машки“ систем, а проблемот е кренат дотаму што дури се истакнува идејата за полот на Бога и важноста на факторот на полот како еден од главните чинители во нашето општество.