ИЗЛОЖБА “КУМАНОВСКИ ГРАФИЧАРИ 2018“ – 07.12.2018 (ПЕТОК) ИЗЛОЖБЕН САЛОН 19.30ч.

Осмото издание на биеналната изложба “Кумановски графичари 2018“ претставува обид на организаторот на оваа изложба, НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово, да овозможи континуитет во презентирањето на најновото графичко творештво од Куманово. Иако градот Куманово претставува општина во којашто дипломираните академски графичари се во поголем број во однос на другите градови во Македонија, сепак не може да се каже дека во моменталната продукција е направен некој прогрес во смисла на зголемување на графичките трудови и нивна поширока презентација. И понатаму, за жал, бележиме стагнација во овој сегмент а претходно посочените проблеми во насока на обезбедување на подобри услови за работа, и со тоа и зголемена понуда на графичките творби, не беа овозможени па поради тоа имавме и проблем да ги собереме навремено сите потенцијални графички остварувања за оваа изложба. Од тие причини, решивме за првпат да вклучиме и студенти коишто се при крај на своето школување – но како такви имаа интересни решенија и требаше да им се даде можност да се претстават пред пошироката публика. Заедно со групата графичари за коишто може да се каже дека не запираат со својата графичка активност и се малкумина во градот, останатите се приклучија на оваа наша иницијатива при што успеавме сепак да собереме една збирка од 27 графички листови, работени во повеќе графички техники во период од последните неколку години. Тринаесетте автори вклучени во овој проект се, сепак, на некој начин репрезент на моменталната состојба во локалното графичко творештво и даваат јасен пресек на нивото и во авторска и во техничка смисла. Во таа насока, вклученоста на автори од повеќе генерации говори дека нишката на континуитетот не е прекината. Иако се чувствува огромното влијание на дигиталната технологија и свртувањето кон компјутерската графика како тренд којшто допрва ќе доминира во овој сегмент на визуелниот израз, сепак, присутни се (и доминантни) класичните графички техники. Публиката ќе има можност овојпат, покрај веќе докажаните авторски имиња, да запознае и некои нови коишто допрва ќе се обидат да остават траги на македонската ликовна сцена. Да се заблагодариме на Министерството за култура на Република Македонија за поддршката што ни ја даваат, а на авторите вклучени во овој проект, кумановските графичари, да им посакаме успех во понатамошниот период и многу поголема продукција.

Роберт Цветковски, историчар на уметноста