Изложба “Жените и фотографијата 2020“ Отворена на 30.07.2020

Во Куманово отворена изложбата “Жените и фотографијата 2020„

 

           На 30.07.2020 г. / четврток / со почеток во 11 ч. во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово беше отворена традиционалната изложба на фотографии “Жените и фотографијата“. Иако беше планирано изложбата да се отвори на почетокот на март поради пандемијата со корона вирусот истата се пролонгираше за месец јули.

Инаку изложбата е во организација на Фото клубот “Куманово“ а за истата членовите на клубот ќе запишат:

…“ Оваа година по седми пат ја отвораме изложбата Жените и фотографијата. Учество земаат 37 авторки од цела Македонија. Голема благодарност до членовите на Фото клубот Куманово кои дадоа свој придонес во реализацијата на оваа изложба, како и на вработените и директорот на НУЦК Трајко Прокопиев од Куманово за отстапениот простор, соработката и несебичната поддршка која ни ја даваат.

Објективот на жената фотограф е различен од објективот на маж фотограф, авторката на фотографијата има сосема поинаква перцепција за динамиката на објектите кои се опфатени со кадарот од апаратот. Различноста на перцепцијата се одликува и во квалитетот на фотографијата и во тематиката, објектот на фотографирање и техниката. Авторката преку фотографијата произведува цел свет од доживувања и пресеци на реалноста и светот каде што припаѓа.

Историјата е полна со сведоштва за успешни фотографки почнувајќи од Џулија Маргарет Камерон и Тина Модоти, па се до Синди Шерман и Ени Лебовиц. Во својата позната студија насловена со За фотографијата (On photography) познатата есеистка и писателка Сузан Сонтаг ja разгледува специфичноста на фотографијата создадена од автори припаднички на женскиот род. Сузан Сонтаг под посебна анализа ги става фотографиите на Ени Лебовиц и го провлекува тврдењето дека генијалноста изразена во посебната убава уметност – фотографијата им припаѓа како атрибут на жените исто онолку колку што им припаѓа на мажите. Фотографската уметност е една од ретките уметности во чие етаблирање и развој, жените придонесувале подеднакво со мажите. Поради тоа може да се каже дека заложбите на жените и нивното интегрирање во создавањето на реалноста и пресликување на убавото е значајна и дека фотографијата е таа која е доказ за успешноста на жените во креирање на поубав и похуман свет.

 

Каква и да е улогата на фотографијата, се третирала таа како убава уметност, како ангажиран медиум на капиталистичкото општество, или како обликувач на современиот човек, присуството на жената во сферата на фотографирањето е силен доказ дека таа не е исклучена од современите текови и од нивното создавање или репродуцирање. Фотографирањето може да стане мирен начин жените да го презентираат својот прозорец кон светот и да ја искористат фотографијата за да испратат гласна порака за тоа како сакаат светот да изгледа со целиот нивен идеализам, утопизам, болка и меланхолија поради актуалната состојба…“

Изложбата ќе биде поставена до 15.08.2020 г. и при посета на истата се замолуваат посетителите да ги почитуваат пропишаните здравствени протоколи.