Богатин Љубомир Јосимовски
роден е на 11.02.1945 во с. Сопот, Кумановско,
во сиромашно селско семејство. Основно
училиште завршува во с. Сопот и с. Табановце.
Техничко училиште завршува во Скопје и Куманово.
Работел во фабриката „Карпош“ – Ѓорче Петров,
а од 1965 работи во ФЗЦ „11 Октомври“ Куманово.
Денес живее и твори во Куманово.
1994 ја објавува поетската книга
„Сонетен венец“ посветена на Скопје.
Предговор кон делото „Препки“ од Богатин Јосимовски
Раз-Градба на индивидуалното/општественото
Исконската потреба на човекот за постојаната (по)трага по сопствените корени, идентитетот како личниот /индивидуалниот, така и колективниот/општествениот, е нишка којашто доминира низ страниците на делото „Препки“ од авторот Богатин Јосимовски. Делото е една симболична/метафорична градба, почнувајќи уште од самиот наслов „Препки“, па продолжувајќи со биографските податоци за поетот.
Богатин Јосимовски е роден во Сопот, во хронотопот на неговите лични податоци случајно или намерно со повод или без повод се проникнува длабоко во корените осврнувајќи се кон Бог (атин) – синот и Јоси (Ф) мовски – таткото. Со(пот), како низ сопствениот живот, така и низ страниците, авторот го турка Сизифовиот камен низ угорнината, белината на страниците.
Авторот го започнува делото во трето лице множина „за вас“, обраќајќи се кон вас/нас, кон колективното; воопштено кон секој оној кој ќе се препознае, за да понатаму во стиховите што следат се персонализира себе си осврнувајќи се кон сопственото „јас“. „Јас“ коешто трага по корените барајќи потпора во минатото, потеклото. Постои преплетување на личниот/индивидуалниот идентитет со колективниот/општествениот, тој е во постојана себепотрага. Започнува со себесогорување, со безименост, што треба да се негира со чинот на крштевањето за да се потврди неговото битисување во духовното, материјалното, минливото.
„Не знам… Можеби годините ми натежнале
На сопственото име никако да се сетам
Згора на сите небиднини што ме следат
Од некаде обезглавен Јован Крстител
Пред премален старечки чекор слета
Прифати ја крштевката што ти ја нудам
Единствено така добиваш место во светот.“
Личните спомени, сеќавања во општа смисла секогаш се поврзани со колективните спомени. Меморијата на поединецот (старицата) е всушност приказ на историјата (татковината, домот, местото на домувањето) од сопствен агол на гледање, доживување сопствен суд, каде што сопственото, приватното, интимното доживување се во нераскинлива врска со општествените случувања. Се тркала „историското тркало“ низ белината на страниците пластејќи ги стиховите по сопствено видување, доживување. Во фигурата на старицата е сублимиран животот, семејството, домот – (од)домувањето. Таа е симбол на жилавоста на женскиот принцип, којшто пак по традиција е родово врамен, осуден да дефилира од дом во дом, губејќи дел по дел од сопственоста, од сопственото „јас“. Постои една лична и колективна амнезија што бара потпора во минатото, потеклото, корените.
„Тргнав по заборавени пространства сини
можеби патем минатото ќе го сретнам
но заборавено… На името ќе се сетам…
Сопственото име и минатото да го сретнам.“
Низ стиховите на книгата „Препки“ симболички е отсликана една индивидуална, но и општествена заробеност/поробеност, без сопствено име и идентитет, но со сопствени сништа. Патувајќи низ историјата, поетот го допира и прашањето за домот/татковината. Домот, домувањето го поистоветуваме со куќата, татковината, ограден граничен простор, којшто секогаш e маркиран со граница, ниту таму, ниту ваму, ниту горе, ниту долу. Народот/персоната како да се наоѓа во позиција на бездомник, бескуќник, се добива чувство на теснотија во „сопствената кожа“, сопствениот дом.
„Сепак тркалото вечно, тивко почна да крцка“
Симболично се навестуваат настаните; почнува да „крцка“, попушта, распаѓа (од)домувањето. Се доаѓа во состојба на една разнишана индивидуална и колективна себност во историското тркало на авторот. (Татко)вината, се поставува прашање кај кого или каде треба да се бара вината за настаните што следат. Состојбата на татковината, како и личната, во делото е исцртана низ историските факти за страдањето, поразите, неуспесите, успесите.
„Тука се и моите деца стуткани на крстопат вечен“
…„Младите од родната стреа тргнаа по патеки нови “
„Што понатаму ќе се случи никој не може да рече Епопеја „На нож“.
„Крстопат вечен“ – „Балканско лудило до бескрај“ – е слика исткаена од субјективните и објективните доживувања на авторот. Токму на тој простор во тоа „лудило“ стоиме закотвени ние, вие, јас, домот, татковината. Стиховите што ги излеал поетот од својата душа се симболична претстава за Балканот. На тој крстопат секогаш е некаков Бал(кан); децата/младите се стуткани во „сопствената кожа“. Тие тргнале во пространства туѓи. Но каде? Кај кого? – Некаде каде што стануваат субјекти без сопствена адреса, без сопствен дом. Се наметнува прашањето: – Дали се странци таму некаде отаде или тука/овдека? Се дава можност за сопствен индивидуален одговор, секој според свое видување и својата „кожа“. Токму низ стиховите на поетот се препознава мислата на Елизабета Шелева: „Кога твојот потпис нема да остане забележен на ниту еден дом, излегува како да не си ни постоел или, пак, тоа си го правел, ама не во свое, туку во нечие туѓо име. Тешко се спие на туѓа адреса, бидејќи самиот сон, уште подлабоко, ќе те опоменува дека мисијата на домувањето ти е некаде запустена, одложена, поразена, и натаму осудена на едно трпеливо чекање, иако, тебе, времето како и трпението, сѐ повеќе, те издава. (Дом/Идентитет, 2005: 37).
Авторот во неколку стиха се осврнува и на состојбите низ кои поминуваме како општество, но и индивидуално.
„Нова мајка Транзиција поинакви мисли носи
Навидум патоказ краток кон иднина гради…
Транзицијата ранениците кон себе ги слеа
Народноста, вероисповеста не беше препка
Подоцна во чекорот поинакви мисли вгнезди…“
Една од темите на коишто се осврнува поетот е и транзицијата. Дали транзитираме индивидуално и општествено, и каде е едно од суштинските прашања. Во просторот, во времето, во духовното, каде води тој процес/проект. Се наоѓаме во една транспозиција од која патот/патоказот за излезот/преминот е долг и нагорен. Транзицијата низ стиховите се прима како една теснотија на духот, просторот и времето, секогаш стуткани во својата корупка, иако сме во состојба на движење/транзиција. Дали вметнатиот стих „За себе само ргај си, за себе само маки тргај си“; „Долго ропство, аргатување на сопствени ниви“ – се една воопштена слика /перцепција за поимот транзиција?
„Вжештена кројачка пегла преку мене се влечка
Колку време помина со сигурност не можам да речам
Но за човечко суштество не можев да се сметам
Едноставно ставата во географска карта ја слеав.“
„Географската карта“, но и „личната“ постојано се прекројуваат подложни се на операција, неизвесност, модификација, на опстанок. „Кројачката пегла“ е симбол на едно расоблекување, себесоголување, но и себесогорување. Дали сме домаќини, сопственици, натрапници, минувачи или потстанари на личната и географската карта? Прашањето останува отворено токму за сопствениците, минувачите, потстанарите, читателот/перципиентот. Поетот го започнува делото во една анонимна состојба/позиција за да го заврши со никулецот на себепрепознавање, себеспознание, самоидентификација, на крајот станува име.
„Но јас на праисконско име се сетив
Македонија се викам горделиво крикнав
Пред да го крстиш синот отецот кум ми беше
Името со сопствена рака во светите книги го внесе.“
„Препки“ е поетски дискурс, (метафорично раскажување) за татковината, животот, историјата, доживувањата, домот, идентитетот, тоа е едно „историско тркало“. Авторот ги втурнува сите оние со немирен дух помеѓу зборовите, стиховите, а секој распознава онолку колку што може да исцрпи од сопственото искуство.
Маргица Станисављевиќ Станисављевска