На 4 март (среда), во 12 ч., во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе се одржи промоција на новиот роман од Лидија Димковска, „Тринаесеттиот“.

Овa е прв роман за деца и млади од авторката која важи за една од најпреведуваните домашни писателки и е добитничка на многубројни домашни и меѓународни награди, меѓу кои се и наградата на Европската Унија за литература, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“ итн. Овој пат таа се нурнува во светот на младите тежнеејќи да го направи подобар и појасен. Зборувајќи за теми што вообичаено ги избегнуваат романите за деца и млади, Лидија Димковска прави пресврт во своето творештво. Ова е роман што раѓа романи, во кој читателите преку одговори на прашањата поставени од авторката, создаваат еден нов однос со себеси.
Повеќеслоен, модерен и напишан на јазик што им е разбирлив на денешните генерации, „Тринаесеттиот“ се одвојува со својата иновативност и длабочина.Промоторка на настанот ќе биде Виолета Танчева-Златева, која ќе го доближи значењето на овој роман во македонската книжевност за деца и млади. Настанот е поддржан од НУЦК „Трајко Прокопиев“ и од Министерството за култура и туризам.

Ве очекуваме.

Мала сала на НУЦК

4.3.2026 (среда)

12:00 часот