“ШШШ! Интимистичка Вајбер поезија“ на поетесата Елена Пренџова е најновото поетско остварување за кое таа е носителка на наградата „Јован Котески“ за 2018 година.
Поетесата во оваа најнова стихозбирка ги отвора железните порти на сопствените интимни соби. Насловот на стихозбирката е заводлив, бидејќи низ него испарува женскиот здив и ономатопејата „Шшш!“ како метафора за женскиот молк или цензурата на женскиот глас. Насловот е прва котва што ја разгатнува табу-темата да се говори низ женска оптика за интимниот свет и сексуалното искуство на жената. Интересно е што поетесата е во дослух со ерата на технологијата, а поезијата е разголување преку новата апликација вајбер како најпогодна за секојдневна комуникација на поголема просторна далечина.
„ШШШ! Интимистичка вајбер поезија“ на Елена Пренџова е храбро поетско женско писмо кое заведува, намамува и преку субверзивниот женскиот глас носи општествени промени. Тоа е крик за женска телесна слобода, а воедно и поетска слобода за ludens преку јазикот и пишувањето. Со оваа одлично компонирана, стилски конструирана поетска идеја; Пренџова го поместува подот на цврстото розово гето и ПСТ-жената и создава еден лизгав и отворен простор за еднаквост преку ГЛАС-от на писателката.
Д-р Марина Мијаковска