Целовечерен концерт на НУ Ансамбл за народни песни и игри „Танец“

ТАНЕЦ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Македонија, формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. ТАНЕЦ, име што го симболизира македонскиот народен танц (оро), е амбасадор на македонската народна уметност и култура низ целиот свет.
Како подвижен музеј на нашето културно богатство, ансамблот неуморно ја шири убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и насекаде низ Европа.
Во текот на своето надседумдецениско постоење, ТАНЕЦ има учествувано на повеќе од 5000 концерти и фестивали, настапувајќи пред полни концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто и многу други светски метрополи. ТАНЕЦ поседува и уникатна збирка на повеќе од 3000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина и секој негов настап е посебно аудио-визуелно доживување за публиката.
Репертоарот се состои од повеќе од 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува разновидните музички и кореографски традиции од богатиот македонски фолклор. Ансамблот брои 40 врвни играорци, 20 вокални и 20 инструментални изведувачи, кои лесно се комбинираат во најразлични формации и кои во секое време можат да понудат разнородна програмска концепција. ТАНЕЦ во својота долга и раскошна професионална кариера има добиено многу награди и признанија, како Големата награда на Интернационалниот фестивал во Ланголен, Велика Британија и општествените одликувања „11 Октомври“, „13 Ноември“ „Св. Климент Охридски“ и „Орден за заслуги за Македонија“.
Голема сала на Центар за култура Куманово.
Почеток 20:00 часот
Цена на билет: 150 денари