09.05.2019 (четврток) 20ч. ИЗЛОЖБА – ЖАКЛИНА ДЕНКОВСКА “Почеток“ цртежи и слики

 

ЖАКЛИНА ДЕНКОВСКА е родена 1988г. во Куманово. Завршила средно економско училиште “Перо Наков“Куманово 2007 година. А потоа запишала студии на “Еуро Колеџ“ Куманово смер Бизнис администрација и дипломирала во 2013 година.
Работела во сметководствено биро во период од две години ( 2014-2017 ).
Во меѓувреме почнала да се занимава со сликање на хартија, техника молив и молив во боја за да подоцна премине на платно со акрилни бои техника што ја применува и до ден денес. Инспирација и мотивација добива од секојдневниот живот и истите ги интерпретира на свој специфичен начин.
Во 2018 година учествуваже на изложбата “Самоуки 2018“ во НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово со три дела.
Оваа изложба е нејзино прво самостојно претставување.

Жаклина Денковска
Контакт телефон: 070/449-977
e-mail: zaklina.denkovska@gmail.com

 

Изложбата на цртежи и слики со наслов “Почеток“, изработена од авторката Жаклина Денковска од Куманово, претставува обид за првично поцелосно запознавање на еден млад автор со пошироката публика. Инаку, ликовниот аудиториум имаше можност досега да види три дела од оваа млада авторка и тоа на групната изложба “Самоуки 2018“ каде што Денковска изложи три свои дела (една слика и два цртежа) наговестувајќи ги притоа своите ликовни преокупации и афинитети. Изложбата “Почеток“ претставува само проширување на тие нејзини први обиди кон ликовно себеспознавање и трагање кон определен стилски израз во тематска но и во ликовно-техничка смисла. Оттука и доста хетерогена збирка на трудови со многунасочни тенденции и широко дефинирани цели за коишто веруваме дека во понатамошниот тек ќе добијат една потесна спецификација и дефиниција со прецизирани детерминанти. Но, ваквата состојба е сосема нормална за автори коишто започнуваат со испишување на своите први сликарски реченици во вид на цртачки скици, но и слики во коишто е вграден широк спектар на идеи и решенија. Она што можеме да го констатираме со сигурност е постоење на афинитет и желба на младата авторка Денковска својот талент и цртачко-сликарски предиспозиции да ги претстави на најдобар можен начин покажувајќи подеднакво интерес и кон цртачките решенија и кон колористичките изведби во распон од реалистички фигуративно-цртачки солуции до апстрактно-експресивни композиции со нагласен колористички контраст и употреба на широка палета на бои. Тој широк спектар на тематско-технички изведби покажува дека авторката има интерес и кон фигуралното и кон апстрактното што, пак, од друга страна може да значи и поставување на една широка почетна позиција за себеистражување и позиционирање на локалната ликовна сцена. Во однос на цртачките решенија, се чувствува пасијата кон животните и портретите како и силната потреба на авторката да аплицира свои елементи (цветови, пеперутки, флорални и геометриски полихромни елементи, деконструирана позадина со псеудо перспектива и др.) и во истите да го отвори патот кон изнаоѓање на оригинални решенија коишто потоа би го дефинирале самиот авторски труд и би дале насоки во однос на идните решенија и тенденции. Во однос, пак, на сликите со апстрактно-асоцијативна тематика, можеме да забележиме чувство за колористички контрасти и експресија на бојата како емотивен запис на една моментална психичка состојба. Во секој случај, бележиме убав почеток на една, се надеваме креативна, ликовна иднина исполнета со нови и свежи авторски решенија во коишто ќе забележиме фокусирани идеи и високотехничко изведбено ниво имајќи ги во вид предиспозициите на авторката Жаклина Денковска.

Роберт Цветковски, историчар на уметноста