V Семинар за традиционална музка и игра
„Од традиција до сцена“
Семинарот посветен на зачувување и современа интерпретација на културното наследство, во организација на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, на 27 и 28 април со почеток во 18:00 часот, во фоајето и малата сала на установата, ќе се одржи на тема „Од традиција до сцена“, наменет за едукација и афирмација на традиционалната музика игра и сценскиот израз.
Некогаш е важно да се постави прашање, иако се нема одговор. „Од традиција до сцена“ е предизвик само како склоп од четири зборови, далеку поголем предизвик да се изразува став и да се дебатира. Во период од десет години се следи сцената за презентација на традицијата. Во одонос на класификацијата на она што се презентира резултатите се далеку покомплексни. Во изминатите десет години различни индивидуалци и здруженија креирале проекти за презентација на традицијата кои не припаѓаат на двете доминантни правци на презентација. Многу малку во јавниот дискурс се говори, на пример, за загребачката школа за презентација на фоклорот. Звонимир Љеваковиќ, првиот директор на националниот ансамбл Ладо на Хрватска поставува подлога за создавање на сценски приказ на традиционалната музика, игра и носија кој отстапува од другите системи на презентација. Систем во кои уметничкото дело е непроменето, променета е само формата на неговата презентација. Во однос на македонската сцена за презентација на традицијта важно е да се апострофира дека состојбата не е монохроматска, иако постојат два доминантни правци, сепак постојат низа на сценски решенија кои не припаѓаат на доминантите. Тие, правци, поради својата нераспространетост и во овој момент помала видливост, се на маргините на научно – критичките гледишта не влегувајќи во ниту една, за сега постоечка, класификација. Оттука и нашата тема од традиција до сцена е обид токму тие правци да бидат контемплирани и можеби крајно класифицирани. Семинарот е наменет за членови на фолклорни ансамбли, музичари, кореографи, педагози, како и за сите љубители на традиционалната култура кои сакаат да ги продлабочат своите знаења и практики.
Семинарот има за цел да ги поврзе традиционалните форми на изразување со современите сценски практики, овозможувајќи им на учесниците да стекнат теоретски знаења и практични вештини за правилна интерпретација и сценска презентација на традицијата и културното наследство. Програмата опфаќа предавања и работилници од областа на традиционалното пеење, сценски адаптации, кореографија, сценско движење, како и анализа на автентични изворни материјали. Особен акцент ќе биде ставен на зачувување на традиционалната форма, но и нејзина адаптација за современа сцена. Ќе се отвори дискусија за тоа како традицијата инспирира нови сценски форми, што се претрпува на сцена, за современите кореографии кои се базирани на традиционални мотиви, како и модерни музички обработики со успешни споеви на „старо“ и „ново“. Ќе се разгледа истиорискиот аспект на играта, нејзините први почетоци, па се до формирањата на културно уметничките друштва како и денешните начини како се третира истата. Што се однесува до практичниот дел на семинарот, ќе се прикажат различните методи на интерпретација на традиционалната култура.
Како предавачи на семинарот ќе земат учество професионалци од НУ „Танец“ – Теодора Стојановска и Мартина Максимовска, како и Бојан Петковски, активист за заштита на културното наследство. Во улога на модератор на настанот ќе се појави Дени Синадиновски. Реализацијата на семинарот е поддржана од Министерството за култура и туризам како проект од нациоанлен интерес за културата за 2026 година. Со овој настан, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ продолжува со својата мисија за негување, зачувување и промоција на богатото културно наследство, создавајќи простор за негов развој и современа афирмација.

