Изложба на слики “ТОЧКА НА ВРИЕЊЕ“ на Мартина Павлевска/Ekspozitë pikture “PIKA E VLIMIT” nga Martina Pavlevska

На 5.11.2026 г., четврток, со почеток во 19 часот, во
Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура
“Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложбата „Точка
на вриење “ од авторката Мартина Павлевска. Изложбата содржи
дваесетина дела од нејзината најнова продукција.
За своето творештво авторката ќе запише:
Овој циклус ја истражува сложената испреплетеност помеѓу искуството,
надворешните влијанија и внатрешните конфликти кои што го обликуваат
поединецот.
Детството е претставено преку упростена фигурација и зазема важен дел
во формирањето на личноста. Меѓутоа не како идеализирана претстава за
безгрижност, туку како корен на психолошкиот и емоционалниот процес кој
што дејствува и во „зрелоста“.
Сликите и цитатите го обликуваат односот кон себеси и кон светот.
Сеќавањата и емоциите го наметнуваат своето писуство, проткаени во оваа
серија на дела. Желбата да се биде прифатен се судира со потребата да се
зачува сопствената индивидуалност, откривајќи ја кревката граница помеѓу
автентичното Јас и односот кон Другоста. Во оваа смисла, несигурноста не се
третира како недостаток што бара разрешување, всушност како простор за
самоспознавање и критичко преиспитување на сопствените уверувања и
вредности.
Така, циклусот ТОЧКА НА ВРИЕЊЕ го преиспитува идентитетот како
флуиднена форма и врска помеѓу сеќавањето, сегашноста и стремежот кон
индивидуалната слобода.
Мартина Павлевска е родена 2004. Живее и работи во Скопје. Студент е на
Факултетот за ликовни уметности на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ –
Скопје на катедрата по ликовна педагогија, претходно има завршено СЕПУГС
Васил Антевски Дрен – Скопје. Има учествувано на повеќе групни изложби во
земјата и регионот и е добитник на повеќе училишни како и општински

награди, меѓу кои прва награда за ликовно достигнување – Кочо Рацин –
Куманово. Исто така има оддржано повеќе работилници и курсеви за визуелна
уметност на настани како Креативен и инклузивен проект со ученици од
училиштето “ Партение Зоографски“ во Чифте амам – Национална галерија –
Скопје, како и учесник во проектот „Споменици на иднината“ во КСП Центар
Јадро. Од особено значење е нејзиното активно учество (асистенција) во
реализирање на делото „ПИЕТА – Во прекривките на ургентноста“ на уметникот
Велимир Жерновски и курирано од Тихомир Топузовски (Македонија) и Аманда
Боткез (Канада), кое ја претставуваше Р.С.Македонија на престижното биенале
за уметност 2026 во Венеција.
Во моментов Павлевска се занимава со прашањата поврзани со развојот
и односите на сопствената генерација и какви влијанија истите можат да имаат
во некоја, како ќе каже самата, непредвидлива иднина. Користејќи едноставна
фигурација и цитати на популарната култура таа се обидува да отвори
онтолошки прашања за кои инсистира на широка дебата и промислување. Во
отсуство на заинтересираност околу ваквите појави, во смисла на
генерацискиот јаз и прокупираноста со технолошките развои, уметницата се
обидува да ја врати во контекст основната задача на уметноста.
Оваа изложба беше презентирана во Скопје а во Куманово ќе биде
поставена до 11.11.2026.