Изложба „Домашна атмосфера“ Дејвид Стоилковски

Дејвид Стоилковски, роден во Куманово 1997 година, живеe и работи во Куманово. Има дипломирано на Академијата за ликовни уметности во Скопје, отсек графика во класата на професорката Славица Јанешлиева а моментално е на магистерски студии по сликарство кај Јован Шумковски.

Најмногу сака да работи мурали, графити и слики на платна но сака и од време на време да се занимава со други техники и правци кои ги нуди уметноста. Учесник е на повеќе групни изложби во Македонија и Хрватска.

Коорганизатор и учесник на графити фестивали во Куманово а има сликано мурали како во градовите низ Македонија така и во Америка, Австрија, Црна Гора.

Прв пат се соочува со уметноста преку цртање графити во Куманово како дете во годините 2010, 2011 и од година во година се зголемува интересот и желбата за графитите да останат негов начин на живот. Во подоцнежниот период може да се види прогресот од дилетантски графити до формирање на свој стил на букви во светот на графити културата и препознавање од љубителите на уличната култура. Подоцна запишува Академија за Ликовни уметности во Скопје отсек Графика и тука малку му се менува стилот и правецот на изразување. Првите две години од студирање се посветува на апстрактните форми со печатење графика бидејќи тоа е сосема нов правец во неговиот живот. Од тука следните две години при студирање на факултетот апстракцијата му се меша со тотално спротивниот правец хиперреализам каде што почнува да слика мурали на помали површини за да го истражи и тој правец во уметноста каде што ќе му се отворат многу шанси и ќе почне да слика посериозни мурали на поголеми површини.

Оваа прва самостојна изложба е збир на периодите од графити преку правци од уметноста до сликање на мурали во поново време. Делата за оваа изложба се направени во период од 2020, 2021 и почеток на 2022 година. Името “Домашна атмосфера“ на изложбата е затоа што фигуративните предмети кои се наоѓаат на делата претставуваат една носталгија и поврзаност кон сопствениот дом и фамилија. Ако се изостават фигуративните елементи од композициите тие се сведуваат на чисти апстрактни плохи од неколку нијанси. Оваа изложба може да биде увертира за истражување во сферата на хиперреализмот при сликање мурали и платна од страна на уметникот Дејвид Стоилковски.