Промоција на романот „Денот на црвот“ од Симона Јовановска

„Денот на црвот“ е роман кој навестува дека е можна „басна“ со воведувањето на главните ликови: Црвот и Чавката. Но, тоа е итра замка која низ многубројни варијанти се преточува во животните судбини на јунаците што му припаѓаат на нашиот род. Се испреплетуваат меѓусебно, се заплетуваат, се расплетуваат, понекогаш ритамот е толку вртоглаво брз што прилега на оној од анимираните филмови. Но, овие, на Јованоска, се повеќе и од живи. Цела една галерија од живописни ликови! Секој на свој начин уникатен, а сепак сите поврзани со една заедничка нишка: ослободување од „прангите“, од внатрешните и од надворешните зандани, посегнување кон Слободата. „Денот на црвот“ изобилува со свежи компарации никаде досега сретнати, ненаметлива духовитост, понекогаш и со одмерена доза сарказам. И без исклучок: проникливост и интелигентност! Сето ова во комбинација со неспорниот талент и безмалку зачудувачки зрелата раскажувачка вештина, му овозможува на нејзиното дело висок дострел“, стои во рецензијата на книгата.