Изложба на слики од Меѓународната Радовишка
ликовна колонија “Св. Ѓеорѓиј 2018“ во Куманово
На 27.12.2018 г. /четврток/ со почеток во 18,30 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложба на слики од Меѓународната Радовишка колонија “Св. Ѓеорѓиј 2018“. Во каталогот за изложбата ќе биде запишано:
“ …Желбата на ликовните уметници од општина Радовиш да добијат и да учествуваат во вистинска ликовна иолонија, после повеќе од педесет години ликовна традиција и постоење на Друштвото на ликовните уметници од Радовиш основано во 1966 година, веќе неколку години no ред се остварува и се негува како традиција на одржување на ликовни уметнички колонии каде што уметниците имаат можност да создаваат прекрасни дела. Заедничките напори на претседателот на друштвото за ликовни уметници ДЛУР Рада, Радовиш Душан Коцев заедно со организацискиот одбор на Третата Меѓународна Ликовна колонија, советниците во Општина Радовиш, директорот на ОУ Центар за култура Ацо Караманов, Радовиш како и многу академски уметници се крунисаа со повторно одржување на колонијата. Со овој чин манастирскиот комплекс Св.Ѓеорѓиј блесна на духовната и културна мапа на ликовната уметност во светот. Сето ова немаше да се случи доколку колонијата немаше поддршка од страна на општината Радовиш, заедно со градоначалникот Герасим Конзулов и Советот на општината, како огромната поддршка од Рудникот Бучим со извршниот директор Николајчо Николов, коишто прифатија да бидат генерални покровители на оваа колонија и воедно овој нов духовен конак на уметноста кој со текот на времето се претвара во годишна традиција на уметниците од Радовиш.
Големиот Винсент Ван Гог рекол дека големите нешта не се создаваат по импулс, туку по пат на серија од малите нешта кои се обединуваат. Токму тоа беше и целта на започнувањето на ваквите колонии – да се обединат уметници од Македонија со уметници од повеќе страни на светот. Во таа смисла помеѓу учесниците на Третата Меѓународна Ликовна колонија беа уметници од неколку генерации ликовни уметници од Македонија помеѓу кои и доајените на македонската уметност: Новица Трајковски, Владимир Темков, Ангел Коруновски, Стефан Хаџи-Николов, Цветанка Јованова Хермес, Мирослав Трендафиловски – Мики и Запро Запров. Исто така во колонијата учествуваа и уметници од странство меѓу кои: Летив Намдагжанчивин – Ли од Монголија, Евгени Петров од Бугарија и Мита Ристиќ од Србија, како и членови на ДЛУР Рада, Радовиш: Марјан Крстев, Крсте Тарабунов, Душан Коцев и Ѓорге Атанасов…“
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 22.01.2019 .