Изложба на слики „Кон светлината“ од Новица Трајковски

“Кон светлината“ – изложба на Новица Трајковски во Куманово

 

На 09.04.2026 / четврток/ со почеток во 20 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово  ќе биде отворена изложбата “Кон светлината“ од авторот Новица Трајковски. Изложбата содржи 20 слики од најновата продукција на Трајковски работени во техниките масло и акрил на платно.

Новица .Трајковски роден на 21 12 1962 година во Белимбегово денешно Илинден . Средно уметничко и факултет за ликовни уметности има завршено во Скопје во класата на професорите Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов . Има реализирано над 80 самостојни изложби. Повеќе групни изложби и учество на повеќе ликовни колонии . Член е на ДЛУМ . Живее и работи како слободен уметник во родниот Илинден

За творештвото на Новица Трајковски  уметникот Никола Пијенманов ќе запише;

“ Секогаш кога пишувам за сликарството на Новица Трајковски, размислувам за целокупен човек, целовито творештво, не за поединечни слики и циклуси. Се разбира, секој сликар преминува преку посебни естетско – стилски фази, но сликарството на Новица е повеќе патепис на човек кој трага по духовните сфери отколку на сликар кој создава заради самото сликарство.

„Да ја видиш Вечноста во еден цвет“ запиша големиот поет и мистик Вилијам Блејк.

Аскетскиот подвиг на Новица Трајковски да биде далеку од „главниот пат“ по кој брзо се движат уметничките правци и правила, го прави неповторлив во својот израз, сликар со кој можеби нема да се согласите на ликовно-модернистички план, но не можете да останете рамнодушни пред димензијата која се отвора во неговите дела, пред бескрајните простори кои сакаат да ве проголтаат, пред допирот со невидливото и недопирливото, пред  пророштвата кои…

Она што го сведочи овој сликар-мистик не е измислено, ниту пак е фантазија. Сѐ е видено и доживеано во неговото омилено опкружување, неговиот Илинден, неговиот дом и храм. Секој сликар си има по еден Ерусалим во кој оди на поклонение. Местото каде што живее и твори Новица Трајковски е неговиот Ерусалим. И затоа овие слики зрачат со неиопислива енергија. Затоа што ова сликарство не е научено и ископирано од светските ликовни трендови, туку од сопствениот личен животен подвиг. И тука не постои никаков компромис.

Да се биде уметник не е задача со која ќе морате да ги разубавувате домовите на луѓето. Тоа го можат и дизајнерите за ентериер. Уметникот кажува вистина, откровение. И тие визии не секогаш се пријатни за публиката научена на потрошувачкиот дизајн на современиот свет. Да се одбере вистината, да се понира во спомените на детството, во најскриените пори на постоењето, да се бележи како во дневник, секојдневно, тивко и трпеливо, личното распетие и воскресение, тое е самото по себе голема уметност. Но таа вистина Новица сака да ни ја покаже и нам. Сликарите го жртвуваат своето спокојство за да остават траги во светот. Тие траги подоцна ги следат вистинољубците и уметниците кои ја бараат светлината.

Иако е тешко да се одделат делата на Новица едно од друго, ќе се осврнам на неколку клучни слики кои го исполнуваат главното место на оваа изложба.

Во сликата „Вистина“ уметникот прави невообичаен автопортрет. Тој е свртен кон гледачот со грб. Лицето на сликарот, нестандардно е свртено кон самата слика, кон она што се случува во Универзумот, во небото. Не, тоа не е его или бегство од нас кои гледаме во сликата. Тоа е внатрешно пресликување на себеси во целината, во Сѐ! Трагите видливи во ноќниот бескрај (слични на оние кои ги виде Винсент ван Гог во една ѕвездена ноќ, јуни 1889 година) овојпат се врежани во главата на сликарот, мапата на небото е изгравирана во неговата свест. Она што е насликано во духовниот простор на небото се пресликува во черепот на уметникот. Понтиј Пилат во невозможноста да ја открие и види големината на Христос, праша: – „А што е вистина?“ Тоа прашање остана да одекнува низ времето како сведоштво на еден изгубен човек со моќ, но без слобода. И денеска ние изгубени во хаосот на секојдневните можности на технологијата и „напредокот“ на светот, постојано го поставуваме прашањето на Пилат, „А што е вистина“, и тоа одекнува како ехо кое непрекинато ни се враќа без одговор. Повторувајќи се во бескрајност…

„Од другата страна“ сликарот нѐ води во еден целосно апстрахиран свет во кој останале само столбовите на светлината. Која е другата страна? Дали можеме да отидеме и ние таму? Ние кои сме од оваа страна. Сликарот можел да насети дека таму е веќе совршено мирно и светло. Таму нема страдања, туку преобразба на плотта и телесното. Таму материјата станува енергија која остава траги на бескрајна љубов. Сликарски оваа композиција е доведена до совршена едноставност на ликовните елементи. Вертикали кои го сечат просторот и како стакло го рефлектираат треперењето на другите светови, толку скриени и далечни за нас.

Во сликата „Времето – сите“ можеби најмистичното дело на оваа изложба, гледаме вистинска проекција на Вечноста. Ништо нема да биде изгубено и сите ќе бидеме едно во аурата на светлината. Чудесно небесно тело кое потсеќа на сонцето, но не е, се издига над фигурата во полето. Не е сонце затоа што светлината на Тој е поголема од сонцето, затоа што таа светлина не заоѓа никогаш. „Јас сум светлината на светот!“ За разлика од историското време, во времето содржано во огромниот небесен ореол полн со преобразени човечки фигури над кои блеска светлината на божјиот пламен, нема минливост. Нема смрт. Во историското време, тешка е судбината човекот. Но, посебна е тежината на модерниот човек во урбаната цивилизација: тој се движи брзо напред, но не напредува. Технолошката еволуција не е во склад со човечкиот напредок. Секој чекор изгледа ист како претходниот. Заталкани сме во бесконечен лавиринт на очекувањето. Ги нема свеќите кои ја осветлија темнината. „Ако светлината која е во вас стане темнина, тогаш колкава ли би била темнината?!“ им кажа Христос на апостолите.

Марјана Панова проникливо ќе запише за ова дело: „ Пораката на делото на Новица е дека времето им припаѓа на сите подеднакво. Ние сме само патници низ времето и секој од нас е подеднакво важен. Сите ние сме едно цело. Индивидуалните разлики исчезнуваат по патот на светлината!“

Во сликата „Комуникација“ врската помеѓу земното и небесното е видливо остварена со поврзување на енергетските полиња кои како магнети се бараат низ просторот и времето да бидат поврзани. Не е оваа комуникација налик на модерната, на секојдневната социјализација преку интернет мрежите и телефоните. Не, оваа комуникација е невидлива за социјалниот свет и таа се постигнува само во длабока внатрешна состојба на созерцание. Таа не оттуѓува како комуникацијата во светот, туку поврзува. Таа е разговор со создателот. Во тишината на сеќавањето на предпостоењето се открила оваа слика.

И уште еднаш ќе се запрашаме. Дали ултра комуникацијата во технолошки модерниот свет нѐ направи поблиски едни со други? Или уште повеќе нѐ оддалечи. Човекот живеејќи по ритамот на модерниот свет, станува механичка кукла која оди и се врти низ определената патека сѐ додека трае механизмот проектиран од системот. После тоа, тој се смета за искористена роба. Се потрошува како звук кој никој не го слушнал.

Како да се оствари контактот со самите себе? Оваа слика покажува дека сѐ е поврзано и тешко дека ќе ја оствариме комуникацијата со себе ако не се поврзаме со природата која ни е дадена како модел. Затоа што сѐ е само симбол на нешто поголемо!

Најновото сликарство на Новица Трајковски останува одвнатре монументално, со изразена длабочина на просторот, но во фигуративниот дел, реализмот е заменет со знаковноста и симболизмот. Фигурите се преобразени во симбол на нешто чудесно, надземно. Во таа димензија се остварува долго бараниот совршен контакт помеѓу објектот и суштината.

Уметноста е неразделива од човекот кој ја твори. Сликарството, тој исконски чин на човечката потреба да го бара совршенството, кај Новица е толку природно изразен, така што е невозможно да се направи поделба помеѓу она што тој го твори и она што е самиот како човек. Уметникот е она што го слика на платното, а сликата станува созерцание на уметникот. Тој е буден помеѓу бесконечниот сон и кошмарот на темнината. Сликата е миг во кој се пресекува светот со откровението. Има нешто есхатолошко длабоко во последните слики на Новица Трајковски. Тие како да го навестуваат крајот на овој свет. “

Помеѓу светот и светлината, Новица би ја избрал Светлината. “

 

Изложбата ќе биде поставена до 23.04.2026.